Кариерен центар
Во нашето училиште, во учебната 2013/2014 година, започна со работа Центарот за кариера. Официјалното отворање на Центарот беше во декември 2013 година. Го отворија тогашната директорка м-р Билјана Глигорова и директорот на проектот „Јес – мрежа“, Ѓорѓи Кушевски. На настанот присуствуваа претставници на МОН, претставници на Центарот за стручно образование, претставници на Секторот за образование на Град Скопје и др. На свеченото отворање присутните ја посетија адаптираната и соодветно опремена просторија, сместена во сутеренот на училиштето, која ги задоволува стандардите за работа со ученици. Отворањето на Центарот беше под покровителство на проектот „Јес-мрежа“ од УСАИД, кој заедно со Центарот за стручно образование и обука, ги обучуваа наставниците за следниве програми: Подготовка за вработување и работа, Учење преку работа и Планирање кариера. Програмите се наменети за учениците од втора, трета и четврта година. Исто така, во рамките на Центарот за кариера функционира и Кариерното советување, кое може да биде поединечно или групно.
Одговорен наставник за Кариерниот центар е д-р Цветанка Ристиќ, а обуките ги имаат завршено и наставниците: Зорица Ристеска Стаменковиќ, Дејан Антоновски, Сенад Сулејмани, Диме Ризоски, Марија Стамболиева, Борче Здравкоски и психологот Славица Нешоска. Секоја учебна година наставниците подготвуваат годишен акционен план, во кој се наведуваат активностите планирани во одредена временска рамка, како и очекуваните резултати. Во почетокот на учебната година се прави промоција на активностите на Кариерниот центар кај учениците, родителите и наставниците, се креира соработка со локалната заедница, социјалните партнери и со претпријатијата. Исто така, се одредуваат одговорни наставници и ученици, работно време на Центарот за кариера, се прави план за меѓуетничка соработка и слично.
Учениците посетуваат работилници, работни места во одредени компании, конференции и други активности надвор од училиштето. Во изминатиов период учениците ја посетиа компанијата ФЕРШПЕД, Автомобилска индустрија, учествуваа на работилници во училиштето „Нова“ во Скопје (под покровителство на Ротари клубот), го посетија Младинскиот културен центар, учествуваа на работилница за изработка на мозаик во Сули-ан и слично.
Веќе неколку години Центарот за кариера во СУГС „Владо Тасевски“ е пример за успешно функцинирање и извршување на поставените задачи и дека има голем број ученици кои се заинтересирани да се вклучат во програмите, односно модулите што ги изучуваат.